САТЕЛИТСКА СПОРТСКА ПРОГРАМА

Ќе бидне повеќе од една година откако почнав да го планирам мојот следен голем проект, работно насловен како “Сателитски ТВ канал со фудбал и фудбалски маркетинг“. Што впрочем, како најава на мој следен проект, може да го видите на насловната страна од десната страна во прозорецот наречен “Следен проект“.

Многумина по меил, во живо или на форумот ме прашаа што тоа значи? Дали се тоа преноси, дали е спортски канал само со спортски настани, дали е тоа ова-или-она?  Никому не одговорив на прашањата. За тоа имаше две прични: најнапред затоа што проектот беше во зародиш, па мутираше, беше менуван, подобруван, адаптиран – за да добие финален облик. Втора причина беше тоа што сепак како идеа е оригинална, па не сакав да биде копирана од оние кои имаат помалку идеи а повеќе пари од мене.

Веднаш да се разбереме. Не се работи за ништо спектакуларно, туку за мое воочување дека на македонскиот телевизиски простор има вакуум во одреден сегмент од програмата.
Имено, во Македонија постојат многу приватни телевизии, исто така создадени се уште поголем број приватни продукции. Од летоска, еве има и многу домашни сателитски телевизии. Сите продукции создаваат/продуцираат програми од забавен или политички карактер. Значи од емисиите од типот “Ќе пеам, ама не перам“, па преку “На гости кај еди-кој-си“, преку Боки, Лила и слични, па се до “Во центар“, “Пирамида“, “Евро зум“, “Светла точка“ и многу, многу други. Некој поуспешни, некој извонредни, други пак со катастрофален рејтинг и изглед. Сепак, имаше за сите вкусови.
Единствено што не постоеше е продукција за спортска програма. Вести, спортски прегледи, специјализирани емисии, спортски преноси... Таква продукција немало, нема, а бога ми, за малку и ќе немаше.

Би ми било непријатно овдека сега да направам редактура на изработеното од спортските редакции/програми на телевизиите во Македонија во последните 15 години. Тоа би значело дека некому ќе давам памет, другому школо... Немам право на ниту едното, ниту другото. Еденоставно, имам само право празниот ТВ инфо простор да го пополнам со мојата продукција које се вика “Модеа спортска продукција“. Некаде во втората половина на септември, на сателитскиот ТВ канал “Канал 5 плус“, ќе започнат да се емитуваат спортските вести (два пати на ден) секој ден и спортскиот преглед секоја недела навечер. Тоа ќе е почеток од, се надевам, добриот развиток на оваа продукција.
Така, од тој момент па натаму, не ќе морате да ја слушнете досега вообичаената ступидна воведна реченица на телевизиските спортски новинари “на спортската сцена во Републикава немаше ништо, затоа еве ви ги резултатите од НБА и од тенискиот турнир од некоја белосветска вукојебина“.

Не, во вестите на спортската продукција Модеа, ќе ги има вестите токму од домашната сцена, надополнети со светските спортски резултати. Вестите од нашиот фудбал од првата и пониските лиги, кошарка машка и женска, ракомет, одбојка, мали спортови, поединечни спортови... Покрај вестите, јасно и гласно ќе бидат посочени дострелите но и небулозите во нашите клубови, федерации, лиги...

Што ќе има да се слави – ќе се слави. Но, што ќе има да се критикува – ќе се критикува јавно со имиња и презимиња.