Март 15-ти, 2008 Њу Јорк Тајмс
КАМПАЊАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА НА НАТО ВО ДЛАБОКА КРИЗА
Од: Стивен Ли Маерс и Том Шенкер

Напорите на председателот Буш за зацементирање на  Транс-Атлантската политика, со приклучување на уште три држави во НАТО алијансата, се приближува кон катастрофа. Ова е затоа што алијансата се дави во внатрешно-политички игри, новите тензии со Русија и воената акција во Авганистан.

Г-дин Буш и другите лидери на алијансата подготвувајќи се да се сретнат во Романија,наидуваат на огромен проблем во желбата да ги земат во своето семејство Албанија, Хрватска и Македонија. Најнапред, проблем е илузорното барање на Грција во однос на името на Македонија, но и податокот дека ниту една од трите држави ги нема постигнато бараните норми, особено на домашната политичка сцена.

Исто така, желбата на Вашингтон за подоцнежно приклучување на Украина и Грузија во НАТО, наидува на силен отпор кај некои од  најблиските сојузници  на САД, како  на пример Германија, која се плаши било како да ја провоцира Русија. Јасната можност за силна конфронтација со Путин, кој исто така доаѓа во Букурешт, го натера Буш во понеделник и вторник во Москва да ги праќа Кондолиза Рајс, засилена со Министерот за одбрана на САД, како би можеле да го намалат бесот на Русија.
Агендата на Рајс предвидува и разговор за американскиот ракетен штит со инсталации во Полска и Чешка.

Голема сенка врз можното НАТО проширување, ќе  стави и поларизираниот став околу НАТО операциите во Авганистан. Администрацијата на Буш  отворено ги критикува своите партнери во Алијансата за избегнување на својата должност да се борат против Талибанците. Министерот за одбрана Роберт Гејтс минатиот месец предупреди дека НАТО може да стане поделена Алијанса со едни кои се подготвени да погинат за зачувување на сигурноста на граѓаните и оние другите кои не се подготвени на такво нешто.

Со покачувањето на насилството во Авганистан, кое е на највисоко ниво од инвазијата предводена од  американците во 2001-ва, САД го притиска НАТО да прати повеќе трупи и да ја зголеми бројката на 40.000. САД  пред кратко време додаде уште 3.200 маринци во Авганистан, кои се приклучија на веќе постоечките 15.500 од вкупно 28.000 странски војници во Авганистан. Уште други 12.500 американски војници се под одвоена американска команда и се ангажираат во ралични контратерористички операции. Од друга страна, неколку земји на НАТО комплетно ја сопреа својата воена активност во Авганистан, а добар број бараат рестрикцја во своите активности. Канада, која има 2.500 војници, се закани дека комплетно ќе се повлече  доколку сите други поединечно не пратат најмалку по 1.000 војници.
Затоа, според Николас Барнс, НАТО се наоѓа пред егзистенционална криза пред самитот во Букурешт.

Според г-дин Буш, проширувањето на НАТО е дел од неговата оставштина за промоција на слобода и демократија во поранешните комунистички држави од Балканот, кои беа разделени низ војна, а каде етничките тензии сеуште се драматично големи.
За време на председателствувањето на Буш со САД, НАТО се прошири со седум нови членки: Бугарија, Романија, Словенија,Словачка, Литванија, Летонија и Естонија. И, сега се вкупно 26.

Дури и сега, на само три недели од самитот, каде треба да се случи официјална покана, администрацијата на САД не одговори на прашањата на Конгресот на САД, каде се доведува во прашање капацитетот на Албанија, како најсиромашна Европска држава, но и на Хрватска и Македонија – две држави произлезени од крвавиот Југословенски конфликт. САД се надева дека самитот во Букурешт ќе биде успешен и дека трите земји ќе добијат покана, а дека сегашните членки ќе ги удвојат своите сили и напори во Авганистн.

Сенаторот Џозеф Биден Јуниор, Демократ од Делавер и Председател на комисијата за Надворешни работи на Сенатот на САД, изјави дека тој и многу негови колеги се загрижени оти ”можеби Алијансата ја градиме преголема за да може да функционира”. Една од причините за неефикасноста на НАТО, според Биден, е и тоа што членките оперираат со модусот на консензус, па една држава може да ги блокира сите останати, како во примерот на Грција, која е членка на НАТО од 1952 и Македонија.

Од независноста на Македонија во 1991, Грција постојано го оспорува името Македонија, велејќи дека тоа имплицира  територијални претензии на соседот, бидејќи и  Грција има провинција која се вика Македонија. Македонците, од своја страна,  таквите теритотијални претензии цело време ги негираат.
Протоколите на НАТО стануваат уште покомплицирани кога е во прашање Авганистан, бидејќи секоја земја има право да поставува услови, каде и како ќе преземе воени операции.

Интелектуалците во САД што се бават со оваа проблематика велат дека ваков начин  на несоработка во рамките на Алијансата, ја прават несигурна иднината на постоењето на НАТО.

Атланскиот совет на САД, невладина организација што се бави со зацврстување на релациите меѓу Северна Америка  и  Европа, вели: “Да си немаме илузии, НАТО не победува во Авганистан”. Човекот што го изговори овој заклучок е председател на оваа НВО, инаку Генерал Џемс Џонс, кој беше врховен командант на НАТО до 2006-та година. Буш и другите подржувачи на НАТО се лутат кога читаат констатации дека Алијансата еволуирала од мала воена сила направена да се штити од СССР, во воена сила која ги диктираше демократските реформи во Европа, па израсна во влијателна сила надвор од своите граници со војната против Србија за Косово, за да на крајот следи воена операција во Авганистан.

Според независните аналитичари, НАТО стана ослабена воена сила, бидејќи европските држави ги намалија воените буџети на сметка на САД  која го стори токму спротивното.

Стенли Кобер, кој е истражувач во Като Институтот во Вашингтон, вели дека Нато сега е во тешка егзистенцијална криза заради Авганистан, бидејќи, пред да се дадат ветувања на други земји, треба најнапред да се реши кризата на опстанокот на целиот систем на Алијансата. Тој ги споменува тензиите околу Косово и ракетниот штит во Полска и Чешка како клучни елементи околу кои ќе се обидат да ги релаксираат односите со Русија, Роберт Гејтс и Кондолиза Рајс. Но, Кобер вели дека сето тоа ( Косово, ракетен штит, Авганистан, проширување.....) го прави НАТО воз кој оди наназад по своја инерција, но да биде трагедијата уште поголема, од тој воз испаднале и тркалата.

Од друга страна официјалната администрација на САД смета дека проширувањето на НАТО со Македонија, Хрватска и Албанија, како и заедничките акции на сите 26 плус 3 земји на територијата на Авганистан, ќе го стабилизираат НАТО и ќе ја засили глобалната безбедност. Исто така во Администрацијата на САД се смета дека соработката на трите земји од Балканот во давање трупи во Авганистан му создава притисок на Буш да им се реваншира со покана за во НАТО.

Албанија, која се наоѓа на 105-то место на најкорумпираните држави во светот според Транспаренси Интернешнел, мораше под притисок од НАТО и САД да назначи специјален обвинител. Македонија и Хрватска исто така не стојат најдобро со корупцијата со своите 84-то односно 65-то место.
Џефри Мек Касланд, пензиониран полковник во САД, сега визитинг професор на катедрата за Меѓународно право и дипломатија на Пен Стејт Дикинсон Скул оф Ло, вели дека со користењето на НАТО за остварување на политички цели, дури и хумани како стабилноста во светот, ризикува да се загуби основната обврска на Алијансата да се брани себе од закани од надвор.

На крајот на денот, вели Мек Касланд, НАТО ќе мора да се запраша, дали  сите инертни сегашни членови, или новите членови што бараат влез се гаранти за мир, или пак бараат да им се гарантира нивниот мир.