Обединети МАКЕДОНЦИ

По 23 века раздор, македонецот конечно почнува да се собира на едно место, околу една идеа и со едно исто мислење. Со една задача – зачувување на името и националниот идентитет.

На плоштадот Пела во Скопје, во средата на 27-ми февруари се собраа над 30.000 граѓани на Македонија. Студенти, средношколци, пензионери, брачни парови од сите возрасти, татковци и мајки со мали дечиња – сите со иста желба, да не дозволат политичката елита во земјава да им го менува она што природно име следува.

Сликата од собирот беше велелепна, видео клиповите направени од мобилки го обиколија светот.

Но, само со овој собир, работата не е завршена. Што би кажал Тони Михајловски “ова е само ѓенерална проба“.
Зошто работата не е завршена? Затоа што дури и вака обединета Македонија во себе носи предавници, јаничари, платеници и подлизурковци. Тие што одамна се регрутирани од странските служби и идеи. Тие што досега скришно како стаорци го уништуваа македонското ткиво, а сега, притиснати од масовноста на народот, мора да излезат на дневна светлина. Заслепени од сонцето, панично тропаат, лепат етикиети, измислуваат сценарија... Не сфатија, дека не сите играат како што тие сакаат. Ако СДСМ е навикнат да опстојува со сценарија на Зечевиќ, Верушевски и Китановски, народот нема таква навика. Народот сам си се собира и си кажува што мисли.

Митингот во средата имаше многу добри работи. Една од нив е и што видовме кои се предавниците на Македонија. Тајфата на Шеќеринска, и онаа пајтон тајфа на Манасиевски, шчучурени во партиските канцеларии, притиснати од наредбодавците, излегоа со дузина антимакедонски ставови. На пример, дека дошол Каракачанов од Бугарија да не организира (каква будала може да смисли вакво нешто?!), дека за името треба да решаваат преговарачите а не народот (?!), дека добро е да го промениме името... На политичката структура што заговара менување на македонскиот идентитет и име, им се приклучија и најголемиот дел од електронските (со исклучок на Сител и Телма) и пишаните (со исклучок на Време) медиуми.  Колку да се знае колку се независни и медиумите и новинарите. Во некое следно испитување на јавното мислење ќе се чудат медиумите зошто гледачите и читателите не им веруваат, а партиите ќе се чудат како имаа поддршка изразена во промили.

За крај, јавно ги повикувам СДСМ и неговите коалициони партнери, да организираат митинг, каде ќе соберат 35.000 македонци (може и помалку), на кој паролата би била “Македонци променете го името и идентитетот – само тоа ви е спасот“?! Доколку се случи таков митинг, само тогаш Шеќеринска и Станковиќ ќе имаат право да лупетаат. Вака, нека седат мадро.