Градски стадион

КАТАСТРОФАТА наречена Градски стадион во Скопје, уште еднаш не избрука. Овој пат пред Хрватите, нивните навивачи, но и бизнисмени, функционери дипломати...

Поточно, оваа градба во Градскиот парк не е стадион, туку една, не докрај, изградена трибина. Западот и Истокот, односно двете Стоења, се всушност насипи од земја од пред војната, што подоцна се само цементирани. Северот е со неколку реда. А, го паметат уште бугарските окупатори.

“Најновата“, значи Јужна трибина, “млада“ е “само“ четврт век.  Градскиот стадион, некогаш замислен да биде копија на сплитски Пољуд, е срам за нас и за оваа држава, но и за сите досегашни, ама и за сегашнава Влада.

Оваа градба не задоволува никакви минимални услови за одржување на спортски натпревар или концерт. Секој нов ивент, е уште една можност за катастрофа што ќе однесе човечки животи.

Соблекувалните за играчите се со скршени тушеви, запушени ве-це-а, паднати плочки. Единствена утеха за хрватите е што тука се туширал и Дејвид Бекам.

Скалите на трибините се надвор од сите норми и пропорции. Нормално човечко стапало со број на чевел 42 до 44, неможе равно да нагази на басамакот. Доколку некој гледач, недај боже има зорт, тешко дека може да најде или да стигне до тоалет.
Засега се нема случено да има навивачки бранови (таласи), оти нема што да запре еден таков налет на тела од врвот до долните шипки.

Половина од централнава (како тоа гордо звучи) трибина, не е покриеан, а на покриениот дел прокиснува на 100-ци места.
Седиштата се надвор од нормите на УЕФА, која предвидува столчиња со наслон и ракохвати.

Заради дождот, пред натпреварот Македонија-Хрватска, таканаречената ложа беше префрлена над новинарските места. Причината беше, да не наврнат официјално поканетите гости од страна на ФФМ. Тоа, пак, ги одзеде местата на оние што веќе имаа купено билети. Па, настана хаос.

Така, со тактиката “Ко је бржи – тај је лепши“, оние што седнаа најдоа спас, сите други (а ги имаше многу) се буткаа на басамаците стоејки на една нога како штркови, и газејки се меѓусебно.

Напонувам, дека пред една година, Владата најави дека ќе се доизгради Градскиот стадион. Колку што се сеќавам, требаше да има меѓународен тендер, па потоа нешто и германецот од Кинескиот зид рече дека би градел, па.....
Сега за сега ништо.

Веќе неколку квалификациони циклуси наназад, УЕФА и ФИФА се закануваат дека, заради неподготвеноста на нашиот стадион, ќе мора да ги играме натпреварите во Софија или Солун. Таков национален срам не смее да се дозволи.
Ако не знаат (Градот, Државата, ФФМ, МОК...) како и со кои пари се гради Национален стадион, нека пишат порака на мејлот на овој сајт?! Се ќе им биде објаснето – бесплатно.